Премиер лигата го казни Челси, а виновник е - Абрамович!

Англискиот гигант Челси е казнет со 12,3 милиони евра од Премиер лигата, а доби забрана за трансфери, која засега е условна во период од две години, поради кршење на правилата од периодот кога клубот беше во сопственост на Роман Абрамович.

Челси претходно со доаѓањето на новите сопственици сам пријави одредени пропусти во работењето на клубот претходно, а сега Премиер лигата ги потврди санкциите.

„Завршени се две одвоени дисциплински постапки против Челси откако клубот доброволно пријави потенцијални прекршувања на правилата во минатото“, стои во соопштението на лигата.

Независна комисија потоа потпиша два договори за санкции, според кои лондонскиот клуб прифатил парични казни во вкупен износ од 12,3 милиони евра. Казните се однесуваат на прекршување на правилата на Премиер лигата поврзани со финансиското известување, инвестиции од трети страни и развој на млади фудбалери.

Покрај финансиските казни, клубот доби и спортски санкции. Челси е казнет со деветмесечна забрана за трансфери во клупската академија, додека изречена е и едногодишна забрана за доведување играчи во првиот тим, но таа е условна во период од две години.