„Фалангата“ не ги остава фудбалерите сами - Македонија ќе има огромна поддршка и во Данска!

Mакедонската фудбалска репрезентација ќе има голема поддршка на натпреварот против Данска во Копенхаген во полуфиналниот бараж.

Имено, од Фудбалската федерација на Македонија денеска потврдија дека на десет дена до дуелот речиси сите билети наменети за нашите навивачи се распродадени и на трибините се очекува да има околу 1.000 Македонци.

За очекувања е и тие малку билети што се останати до 26 март за кога е закажан натпреварот да се распродадат.

Тоа секако ќе биде дополнителна мотивација за избраниците на Седлоски да го дадат најдоброто од себе за пласман во финалето од баражот кое би било последната пречка за место на Светското првенство наредното лето.