Алкалоид поднесе жалба, судењето во Охрид го нарече скандалозно!

Денешното дерби помеѓу Охрид и Алкалоид заврши без победник од 27-27, а по натпреварот големо е незадоволството во тимот од Автокоманда.

Имено, според нив судењето на двојката, Виктор Начевски и Данило Божиновски било под сите критериуми и поради тоа ќе поднесат жалба до Ракометната федерација на Македонија.

„Дерби натпреварот во Охрид беше со сите карактеристики на дерби меч, во кој движењето на резултатот во текот на сите 60 минути беше во рамки на еден до два гола разлика. Натпреварот можеше да биде резултатски прекршен во кој било период од играта, а тоа особено се однесува на финишот. Сметаме дека РК Алкалоид е драстично оштетен со катастрофалното судење на судиската двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Судењето беше лошо во текот на целиот меч, критериумите не беа изедначени, а во неколку наврати беа донесени одлуки на штета на РК Алкалоид за кои сметаме дека директно влијаеја на конечниот исход на дербито“, изјави претседателот на клубот, Горан Минов.

Во соопштението, Алкалоид наведува и дека очекува РФМ без одлагање, детално, стручно и одговорно да ја разгледа поднесената жалба и да утврди дали на овој натпревар биле исполнети основните критериуми за фер, објективно и непристрасно судење.

Ќе потсетиме, бурна реакција во текот на натпреварот поради судиските одлуки имаше и тренерот Кире Лазаров (ТУКА).