Викенд на дерби пресметки во ракометната Суперлига - скопјани гостуваат во Битола и Охрид
Вториот круг носи пресметки на водечките четири екипи и два дерби дуела, по еден во Охрид и Битола каде гостуваат скопските екипи. Денеска Охрид го пречекува Алкалоид, а утре шампионот Пелистер се среќава со Вардар во мечот кој му е последна шанса да остане во игра за четврта титула во низа во домашното првенство.
Охрид се наоѓа во фантастична форма, се уште нема пораз во 2026 година, сметајќи ги сите натпреварувања, а последниот неуспех го доживеа на 29 ноември кога пред своите навивачи загуби од Вардар. Оттогаш нареди 11 победи, го среди и Пелистер пред своите навивачи и застана на третото место на табелата со убедлива предност пред денешниот ривал. Алкалоид не може да се пофали со таква форма, ги загуби последните два натпревара, двата од Вардар и ги сведе на минимум шансите за освојување на титулата. Тимот од Автокоманда сезонава нема победа против Охрид, на домашен терен ремизираше (24-24), а на гости загуби со 24-28.
Утре ќе грми во Битола каде лидерот на табелата и поранешен европски шампион Вардар ќе му гостува на Пелистер. Првакот неславно испадна од Лигата на шампионите, трета година по ред, но ако сака и идната сезона да настапува во елитното натпреварување, ќе мора утре да го победи Вардар пред преполните трибини во „Боро Чурлевски“. Евентуален триумф на Вардар, па и нерешен резултат, ќе остави промили шанси за Пелистер да дојде до нова титула.
Сезонава Вардар и Пелистер се сретнаа трипати, битолчани славеа во Суперкупот и во првенствениот дуел пред своите навивачи со 28-23, а предноста на домашен терен ја искористи и Вардар кој победи со 31-28. Во пресрет на утрешниот меч, “црвено-црните“ имаат четири бода предност, а единствениот пораз сезонава во Суперлигата го доживеаја токму од Пелистер.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
ДЕНЕСКА
Охрид - Алкалоид 18:00
УТРЕ
Тиквеш - Бутел 18:00
Пелистер - Вардар 19:00