Бајката продолжува: Капитенот на Челси останува во клубот – потпиша нов договор!

Екипата на Челси обезбеди останување на еден од своите најважни фудбалери, откако капитенот Рис Џејмс потпиша нов шестгодишен договор со клубот.

Со новата соработка, англискиот репрезентативец се обврза на верност кон „сините“ до летото 2032 година. Претходниот договор на 26-годишниот дефанзивец важеше до 2028 година, но раководството на клубот од „Стемфорд Бриџ“ реши дополнително да ја зацврсти соработката со еден од своите клучни играчи. Џејмс е дел од Челси речиси целиот свој живот. Во академијата на клубот пристигнал кога имал само шест години, а низ годините се изгради во еден од најдобрите десни бекови во Премиер лигата и лидер во соблекувалната на лондонскиот тим.

Денес тој ја носи капитенската лента и е еден од заштитните знаци на новата генерација на Челси. Новата соработка има и симболично значење. Иако Џејмс веќе еднаш го продолжи договорот по преземањето на клубот од новите сопственици во 2022 година, тој беше последниот играч кој сè уште имаше услови од договор склучен во периодот на претходното раководство. Со новиот договор, и тоа е променето, бидејќи неговата плата е усогласена со новата структура на наградување што клубот ја воведе по промената на сопственоста.

Десниот бек досега одигра 225 натпревари за Челси, постигнувајќи 16 голови и забележувајќи 31 асистенција.