Работнички се врати во Парк и веднаш почна да гази – историска партија на Ефремовски (ФОТО)
Ова е само втора победа за центарци во осмиот меч во новата година, со која си ги зголемија шансите за опстанок во елитата, односно ги задржаа барем теоретските шанси за пласман во плејоф-фазата. Вечерашниот меч беше неизвесен само во првите неколку минути, по што домаќинот со 11 поени во низа дојде до првото двоцифрено водство (19-8), кое до крајот само го зголемуваше. Репрезентативецот Виктор Ефремовски ја одигра најдобрата партија во кариерата и го имаше едно од најдобрите индивидуални остварувања во историјата на Првата лига. Тој средбата ја заврши со 50 поени со девет тројки (од 17 обиди) и седум скокови. Одлична партија прикажа и Роберт Рикиќ со 19 поени и 18 скока.

Лесна и убедлива победа остварија и кошаркарите на Пелистер, кои на домашен терен немаа никакви проблеми во пресметката со Куманово (92-62). Клучна беше третата четвртина, која битолчани ја добија со 21-10. Убедливи беа и кошаркарите на Кожув во пресметката со Феникс (113-98), додека Чаир 2030 како гостин го доби Гостивар и речиси го испрати во второлигашка конкуренција. Порано денеска, Тиквеш убедливо го совлада Ангели (114-90).
Последниот меч од 18. рунда се игра задутре (петок) помеѓу водечките две екипи на табелата, ТФТ и МЗТ Скопје.







