Одлична вест за „кралевите“: Мбапе се врати во Мадрид – би можел да игра со Сити!

Голгетерот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, синоќа се вратил во шпанската престолнина откако изминатите денови престојувал во Париз на дополнителни консултации околу повредата на левото колено, која го мачи во последниот период.

Со него биле и физиотерапевт и кондициски тренер од мадридскиот клуб. Засега е јасно само дека Французинот нема да настапи на задутрешниот прв осминафинален натпревар од Лига на шампиони против Манчестер Сити. Дополнителните тестови во наредните денови треба да покажат дали постои шанса да се врати за реваншот во Англија, кој е закажан за 17 март.

Според францускиот медиум РМЦ Спорт, во клубот владее став дека евентуалното форсирање на Мбапе би било преголем ризик. Истата позиција ја има и самиот напаѓач, како и неговиот тим. Вчера и шпанскиот весник Марка објави дека постои мала можност Мбапе да се обиде да се подготви за првиот дуел со Сити, но тоа изгледа речиси невозможно. Така тренерот на „кралскиот клуб“, Алваро Арбелоа, најверојатно нема да може да смета ниту на Французинот, ниту на Џуд Белингем на домашниот натпревар против „граѓаните“ в среда.