Ѓоковиќ: Во мене уште има оган, си докажав дека можам да ги победувам помладите момци!

Новак Ѓоковиќ пристигнува на турнирот Индијан Велс подготвен за нови предизвици, а ова ќе биде прв негов настап по пласманот во финалето на Отвореното првенство на Австралија и потврдата дека и понатаму може да биде конкурентен на највисоко ниво.

Ѓоковиќ во Мелбурн во пет сета го совлада двократниот последователен шампион Јаник Синер, а потоа во мечот за титулата беше поразен одКарлос Алкараз.

„Тоа беше неверојатен почеток на годината. Со оглед на тоа што не успеав да стигнам до финале на некој грен-слем уште од Вимблдон 2024 година и што минатата сезона на сите слемови губев или од Синер или од Алкараз, беше навистина посебно чувство да го победам Синер во еден од најепските мечеви што сум ги одиграл во последно време. Потоа имав уште еден одличен дуел со Карлос, кој на крајот сепак беше подобар“, изјави Ѓоковиќ на прес-конференцијата пред турнирот.

Тој истакна дека токму тоа му дало дополнителен мотив.

„За мене тоа е феноменален резултат. Прво си докажав на себе, а потоа и на другите, дека сè уште можам да се натпреварувам на највисоко ниво и да ги победувам тие момци. Мојата логика е, зошто да не продолжам понатаму додека во мене има оган, страст, квалитет и мотивација“, додаде српскиот тенисер.

Петкратниот шампион на Индијан Велс ќе се обиде да го надмине рекордот на Роџер Федерер по бројот на освоени титули во историјата на овој турнир.

„Имав многу успеси на овој турнир. Отсекогаш ми бил еден од омилените поради одличното време, условите за игра, локацијата и близината на Лос Анџелес, еден од најубавите градови, како и поради самата историја на настанот. Овде навистина е ‘тениски рај’, како што со право го нарекуваат“, истакна Ѓоковиќ.

Инаку, српскиот ас е означен како трет носител на турнирот, а настапот ќе го почне против Полјакот Камил Мајхжак или Французинот Џовани Мпеши Перикар.