ФФМ одговори на реакцијата на Брегалница: Повелете на заедничка анализа!
Според анализата на ФФМ сите одлуки кој судијата Боби Величков ги донел на дуелот биле исправни и во согласност со правилата. Во одговорот ФФМ ги покани луѓето од Брегалница и на заедничка анализа во „Куќата на фудбалот“.
„Во 10. минута станува збор за прекршок во напад, кога гостинскиот напаѓач го задржува противничкиот одбранбен играч кој се наоѓа пред него, користејќи една рака врз противникот, со што стекнува недозволена предност. Главниот судија се наоѓа во непосредна близина на настанот, има јасна прегледност и добар агол на проценка, по што правилно го препознава прекршокот и соодветно ја прекинува играта.
Во акција странично кон казнениот простор во 68. минута, капитенот на гостинската екипа и домашниот одбранбен играч со број 99 се во борба за топката, со меѓусебно држење. Откако гостинскиот играч ја губи контролата и поседот над топката, паѓа на теренот и бара прекршок. Главниот судија, а особено и асистентот судија, кои се во непосредна близина на настанот, правилно проценуваат дека станува збор за дозволен контакт меѓу двајцата играчи, предизвикан од обострано држење, по што оправдано дозволуваат играта да продолжи.
Во 85. минута станува збор за ситуација во однос на тоа дали постои прекршок за казнен удар за гостинската екипа, односно дали контактот меѓу одбранбениот играч и напаѓачот е доволен за досудување казнен удар. Видливо од видеоматеријалот, и тоа само од еден агол кој не дава јасен и очигледен доказ за прекршок, одбранбениот играч има намера да го блокира шутот и нападот на гостинскиот напаѓач, при што остварува контакт најпрво со топката, а потоа, по инерција на движењето, и со противничкиот играч. Гостинскиот напаѓач, како реакција, неприродно скока во место над одбранбениот играч, оставајќи впечаток дека го зголемува интензитетот на контактот. Главниот судија има добар агол и прегледност и правилно проценува дека контактот е дозволен и е резултат на намерата да се игра со топката, а не да се собори противникот.
Во сите посочени ситуации за потенцијални недосудени прекршоци, особено во казнените простори и околу казнениот простор, во зоната на шут, главниот судија доследно ги применува дадените инструкции до сите судии, да се санкционираат само јасни и очигледни прекршоци, со изедначен критериум при проценката на контактите меѓу играчите, а не лесни, фудбалски и дозволени контакти“, стои во реакцијата.
Единствено за што ФФМ му забележи на Величков е даденото судиско продолжение.
„Во насока на целосна транспарентност и отворена комуникација, претставниците на Судискиот одбор го покануваат тренерот на ФК Брегалница Штип, заедно со клупските претставници, на заедничка анализа на натпреварот во ВАР центарот на Фудбалската федерација на Македонија“, порачаа од федерацијата.