Скандал во Тетово: Им се заканувале на судиите и ги гаѓале со скалпел и други предмети! (ФОТО)

Шкендија триумфира против Пелистер со 2-1 во 20. коло од Првата лига, но на натпреварот се забележани сериозни безбедносни инциденти.

Во 57. минута од натпреварот биле фрлани различни предмети на теренот за време на измена на фудбалерите, при што бил погоден четвриот судија со паричка и запалка.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти дека во извештајот на мечот е запишано дека кон официјалните лица се фрлани опасни предмети, како скалпел.

„Се поставува прашањето, што доколку судијата бил погоден од скалпел? Чија би била одговорноста во тој случај?

По завршувањето на натпреварот, надворешно лице влегло на теренот за игра и упатувало закани кон главниот судија и асистентот. Во тие моменти, дел од публиката започнала повторно да фрла предмети кон теренот, по што судискиот тим, кој веќе се упатил кон соблекувалните, бил принуден да се врати назад на теренот од безбедносни причини.

По влегувањето во подтрибинскиот простор, истото лице кое претходно упатувало закани ги чекало судиите пред судиската соблекувална и повторно трчајќи кон нив упатувало закани. Главниот судија побарал од присутните службени претставници, лицето да биде отстрането.
Според наводите во извештајот, директорот на клубот, Цуцули, изјавил: „Оставете го, тој е син на газдата“.

Понатаму, во извештајот се наведува дека било побарано од делегатот на натпреварот настанот да биде евидентиран во записникот, по што лицето се упатило кон излезот со цел да не биде идентификувано.

Сите овие настани се службено констатирани и ќе бидат предмет на разгледување и постапување од страна на надлежните дисциплински органи согласно важечките прописи“, соопшти ФФМ.