Кошаркарите се на 300 километри од Иран, ама безбедни се како да се во – Вашингтон!
ОД БАКУ, АЗЕРБЕЈЏАН
Фактот што сме далеку поквалитетен ривал од противникот, кого во Скопје го победивме со плус 38 (87-49), сепак, не беше единствената причина што на вчерашниот пат кон оваа поранешна советска република главна тема на разговор меѓу играчите и членовите на делегацијата не беше кошарката туку - војната на Блискиот исток. Причина за тоа беше фактот што Азербејџан граничи со нападнатиот Иран, што престолнината на оваа држава ја смести на 300 километри од воената зона каде што паѓаат проектили. Во таква ситуација, нормално е да се грижите за сопствената безбедност, која ја снема во моментот кога слетавме во Баку. Животот таму беше нормален, ништо не покажуваше дека има војна во соседството.
„Не се грижите, тука нема ништо да се случи, иако има војна во Иран. Азербејџан е максимално безбедна држава, немаме никаква улога во блискоисточната криза и сигурни сме дека нема ништо да се случи кај нас“, беше првиот коментар на симпатичната водичка доделена на македонската селекција од страна на домаќинот.
Нејзините зборови се потврдија и на терен. Баку е модерен град на брегот на Каспиското море во кој се живее „сто на час“. Кратката прошетка после полноќ низ улиците на овој град (кој е три часа понапред од македонската временска зона) покажаа огромна раздвиженост, полни кафулиња и ресторани, делумно и поради месецот на пости во муслиманската религија, на која ѝ припаѓаат дури 97-отсто од Азербејџанците. И денешниот ден, иако недела, го „запечатува“ претходниот заклучок со оглед на големата развиженост по улиците, особено на шеталиштето крај морето каде што наследниците на Гари Каспаров (роден во Баку) дури играа шах на отворено со огромни фигури.

Сето ова го потврдува и Никола Божиноски, кој повеќе години работи во азербејџанската кошарка и кој во моментов е тренер на прволигашот Нахчиван, според кого апсолутно никој во оваа земја не очекува ниту најмал проблем поврзан со војната во Иран.
Македонија во моментов има скор 3-0 во претквалификациската група, пред Луксембург со 2-1, Азербејџан со 1-2 и Ирска со 0-3.