Андреј Јакимовски го напушта Тренто (ФОТО)

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Јакимовски заминува од италијанскиот клуб Тренто, откако екипата ја потврди разделбата.

Јакимовски во изминатиот период добил повеќе понуди за продолжување на кариерата, па се очекуваше ваков расплет на настаните.

„Кошаркарскиот клуб Тренто објавува дека Андреј Јакимовски ја искористи клаузулата за излезе од договорот потпишан минатата година, а која важеше за сезоната 2026/27. Клубот му се заблагодарува на Андреј за неговата посветеност, професионализам и придонес во текот на сезоната помината во црно и бело и му посакува се најдобро. Благодариме, Јаки“, објави Тренто

Јакимовски имаше одлична сезона со Тренто со кој настапуваше во италијанското првенство и во Еврокупот. Во моментов е познат интересот од евролигашот Валенсија, како и од учесниците во Еврокупот, Рома и Наполи.

„Тренто, не можев да замислам подобро место да го почнам ова патување во кариерата. Од првиот ден се чувствував како дома. Со вас создадов спомени кои ќе траат засекогаш. За возврат, дадов сè од себе на теренот и надвор од него. Ми беше чест да го претставувам клубот. Тренто секогаш ќе биде важен дел од мојата историја“, објави Јакимовски.

Фото: Facebook/Aquila Basket Trento