Лејкерс убедлив во славеничката вечер на Дончиќ и Леброн Џејмс во Сан Франциско!

Екипата на Лос Анџелес Лејкерс дојде до убедлив триумф на гостински терен кај Голден Стејт (129-101), во меч кој беше вечер за паметење за Лука Дончиќ и Леброн Џејмс.

Словенечкиот ас својот 27. роденден го одбележа како најефикасен кај „езерџиите“ со 26 постигнати поени. Одлична вечер имаше и Леброн Џејмс, кој влезе во историјата на клубот како втор играч со најмалку 1.000 погодени тројки во дресот на Лејкерс, веднаш зад легендарниот Коби Брајант. Во текот на целата НБА кариера, Џејмс има реализирано 2.618 тројки, од кои повеќе од 1.000 се постигнати и во дресот на Кливленд.

Голден Стејт настапи значително ослабен, без Стеф Кари и Кристапс Порзингис, а дополнителен проблем беше и слабата одбрана на шутот од дистанца, откако „воините“ примија дури 19 тројки, што практично го реши прашањето околу победникот.

Торонто беше подобар од Вашингтон (134-125), нанесувајќи му на тимот од главниот град четврти последователен пораз. Визардс и натаму се без помошта на новодојдените ѕвезди, повредените Ентони Дејвис и Тре Јанг. Победничката серија ја продолжи и Њу Орлеанс, кој на гостувањето кај Јута славеше со 115-105 и стигна до четвртиот триумф во низа, иако натпреварот беше засенет од повредата на Зион Вилијамсон, кој мораше да го напушти теренот во втората четвртина.