Во Алмерија не кријат: Сакаме Роналдо и да заигра за нас, би било спектакуларно!
Имено, Роналдо претходно оваа недела преку своја компанија купи 25 проценти од акциите на клубот, што ги разгоре шпекулациите за негово можно враќање во европскиот фудбал во двојна улога, како играч и сопственик.
На прес-конференцијата во пресрет на гостувањето кај Албасете најмногу се зборуваше токму за инвестицијата на Роналдо и можноста тој повторно да биде дел од шпанскиот фудбал каде што своевремено го носеше дресот на Реал Мадрид.
„Од наша страна, многу сме среќни. Секако, му посакуваме добредојде. Мислам дека тоа е одлична вест бидејќи некој како него, со огромно познавање на спортот и фудбалот, може да му помогне на клуб како нашиот. Ова е многу возбудливо за целиот клуб, за градот и за покраината. Веќе знаете дека Кристијано има добар однос со сопствениците“, изјави тренерот Руби.
Во Алмерија не кријат дека посакуваат да го видат на теренот.
„Дали ќе заигра за нас, тоа е прашање за него, но би било нешто спектакуларно и навистина посебно. Ова е негов клуб и ако сака да продолжи да игра, кој и да биде тренер тука, би го пречекал со раширени раце. Во тоа воопшто не се сомневам“, истакна стратегот на шпанскиот клуб.