Меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ отсега и во Македонија!

Меѓународната спортска иницијатива „Спортски игри за млади“ (Youth Sports Games) официјално доаѓа во Македонија, носејќи нов импулс за развојот на младинскиот спорт, за што ќе биде потпишан договорот со кој земјава станува дел од оваа значајна меѓународна платформа.

Тоа ќе се случи утре во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски, како и бројни претставници од политичкиот, бизнис и спортскиот сектор, меѓу кои и меѓународни гости и спортски легенди – заштитни лица на Игрите. Поддржани од Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија и други релевантни институции, Плазма Спортските игри за млади овозможуваат безбедна и инклузивна средина во која децата и младите се натпреваруваат, учат и се развиваат преку спорт. Преку учество во десет различни спортски дисциплини, младите се едуцираат за важноста на физичката активност, тимската работа и фер-плејот.

Договорот ќе го потпишат Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови на Македонија и Здравко Мариќ, претседател на Плазма Спортските игри за млади. Ова партнерство отвора можност за повеќе од илјада деца од различни општини низ државата да бидат дел од организирани спортски настани кои промовираат здрав начин на живот, еднаквост, инклузија и пријателство меѓу младите.

Натпреварите ќе се одвиваат во 10 спортови – мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах и атлетика (трки на 60 метри и граница), за момчиња и девојчиња. Планирано е Игрите да се реализираат во периодот април–јуни 2026 година, преку 18 спортски денови, со активно учество на училиштата и локалните заедници, а поддршка од националните спортски федерации. Најуспешните екипи и поединци ќе обезбедат пласман на Меѓународната завршница во Сплит, каде ќе се натпреваруваат и дружат со свои врсници од другите земји учеснички.

Со приклучувањето кон „Спортските игри за млади“, Македонија станува дел од регионалното спортско семејство во кое веќе членуваат Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина. Воедно, оваа иницијатива претставува и чекор кон создавање национална платформа насочена кон младите, како и зајакнување на соработката меѓу училиштата, општините, спортските федерации и бизнис-заедницата, и на домашно и на регионално ниво.