Кошаркарите на Работнички се закануваат со бојкот - им се должат осум плати!

Скопскиот кошаркарски тим Работнички се соочува со вистински хаос затоа што кошаркарите и стручниот штаб на центарци со месеци немаат земено плата и решија да реагираат поради понижувачката состојба во која се наоѓа екипата.

Кошаркарите на Работнички се заканија со бојкот доколку во најкраток можен рок не се подмират заостанатите обврски и не се преземат чекори за стабилизација на клубот.

Тие објавија дека немаат земено осум плати, а воедно не биле испочитувани ветувањата од градоначалникот на Општина Центар, додека комуникацијата со спортскиот директор била целосно прекината.

„Ние, играчите и стручниот штаб на кк Работнички, сме принудени јавно и недвосмислено да реагираме поради крајно неприфатливата и понижувачка состојба во која се наоѓа тимот, како и поради игнорантскиот однос на раководството и локалната власт кон луѓето кои секојдневно го бранат грбот на клубот.

Со месеци наназад предупредуваме дека ситуацијата е алармантна, но место решенија, добиваме молк, празни ветувања и избегнување одговорност. Во овој момент на играчите им се должат осум плати, што претставува директен удар врз нашата егзистенција, нашите семејства и нашето достоинство како професионалци. Ова не е само финансиски проблем — ова е системско непочитување на луѓето кои го претставуваат клубот.

Тимот функционира во недостоинствени услови, без основна опрема, без елементарна логистика и со постојана неизвесност околу најосновните организациски прашања. На патувања сме оставени сами на себе, без сигурен превоз, па често навивачите ги покриваат овие трошоци. Ова е срам за клуб со ваква историја и реноме.

Дополнителен врв на непочитување е фактот што ниту играчите, ниту стручниот штаб не беа поканети на официјалното отворање на реновираната сала — нашата „куќа“. Овој чин јасно покажува колку малку се ценат луѓето кои секојдневно се борат за грбот и угледот на клубот.

Јавно констатираме дека ветувањата дадени од градоначалникот не се исполнети, всушност, слободно можеме да кажеме дека тој неколку пати не излажа, а спортскиот директор со недели не одговара на телефонските повици и пораките, со што практично ја прекина секоја форма на комуникација со тимот. Ваквиот однос го сметаме за неодговорен и недозволив.

Доколку во најкраток можен рок не се подмират заостанатите обврски и не се преземат конкретни и видливи чекори за стабилизација на клубот, јавно соопштуваме дека нема да ги играме следните натпревари. За оваа одлука целосната одговорност ќе ја сносат раководните структури и институциите кои дозволија клубот да дојде до оваа состојба.

Ние не бараме привилегии — бараме основни услови за работа, почит и исполнување на договорените обврски. Секое понатамошно игнорирање ќе значи директно уништување на спортскиот интегритет на клубот и ќе ја информираме целокупната јавност и релевантните институции за сите наредни чекори.

Во интерес на вистината, навивачите и македонската кошарка, бараме итна и транспарентна реакција. Работнички е поголем од сите поединци, но без луѓето кои играат и работат во него — клуб нема.

Остануваме обединети, но решителни да се избориме за нашите права и достоинство“, се вели во соопштението.