Договорен реванш на најскапиот меч во историјата – Во Лас Вегас и на Нетфликс!
Реваншот на т.н „борба на векот“ официјално е закажан за 19 септември, а ќе се одржи во спектакуларната „Сфера арена“ во Лас Вегас. Борбата ќе биде пренесувана во живо на глобално ниво преку платформата Нетфликс, без дополнителна наплата, што претставува преседан во професионалниот бокс. Над 325 милиони претплатници ширум светот ќе имаат можност бесплатно да го следат дуелот, што дополнително ја зголемува историската важност на настанот.
Ова ќе биде првиот професионален боксерски меч некогаш одржан во „Сфера арена“, најтехнолошки напредната сала во светот, која ќе ги искористи своите визуелни и аудио можности за да понуди досега невидено искуство за публиката. Првиот меч меѓу Мејведер и Пакјао, се одржа во 2015 година и оствари рекордни 4,6 милиони „плати па гледај' продажби и генерираше повеќе од 600 милиони долари приход. Тогаш Мејведер победи со едногласна одлука на судиите и го зачува совршениот професионален скор, додека Пакјао подоцна тврдеше дека настапувал со повреда на рамото.
Повеќе од една деценија подоцна, улогот е поинаков. Мејведер ќе има 49, а Пакјао 47 години, а борбата нема да биде за титули, туку за лична сатисфакција и огромен финансиски влог. Филипинецот е убеден дека овојпат исходот ќе биде различен и дека токму тој ќе му го нанесе првиот пораз во професионалната кариера на Мејведер, кој има 50 победи без пораз.
„На светот му ја дадовме најголемата борба во историјата на боксот. Навивачите чекаа доволно долго и го заслужуваат овој реванш. Сакам Флојд засекогаш да живее со тој еден пораз и да знае кој му го нанел“, порача Пакјао.
Мејведер, пак, беше краток и самоуверен, најавувајќи повторување на сценариото од 2015 година.
„Веќе се борев со Мени и еднаш го победив. И овојпат резултатот ќе биде ист“, изјави Американецот.
Иако одамна во петтата деценија од животот, двајцата и понатаму се активни. Мејведер, кој се повлече од професионалниот бокс во 2017 година по победата над Конор Мекгрегор, во изминатите години настапуваше во низа егзибициски мечеви, а напролет го очекува и дуел со Мајк Тајсон. Пакјао, по неуспешната претседателска кампања на Филипините, се врати во рингот во 2025 година со нерешен меч против Марио Бариос, а пред реваншот со Мејведер ќе има и егзибициска борба со Руслан Проводников.