Го одведе Курасао на Мундијалот, ама нема да го води таму - поднесе оставка за да биде крај болната ќерка
Искусниот холандски стручњак минатата година влезе во историјата кога ја предводеше репрезентацијата на Курасао до пласман на Мундијалот во САД, Канада и Мексико, но сепак нема да ја предводи таму бидејќи мораше да се повлече од репрезентацијата поради семејни проблеми.
Според информациите што се појавија во холандските медиуми, поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Србија се повлекол од репрезентацијата на Курасао поради здравствени проблеми на неговата ќерка.
„Секогаш велев дека семејството е пред фудбалот, па затоа ова е логична одлука. Но, секако, тоа не го менува фактот дека многу ќе ми недостига Курасао и сите луѓе со кои работев таму. Го сметам одењето на Светското првенство со Курасао, најмалата земја во семејството на ФИФА, за еден од најважните моменти во мојата кариера. Горд сум на моите играчи, персоналот и членовите на одборот кои веруваа во нас“, рече Адвокат.
Тој заминува заедно со својот помошник и тимскиот лекар. Него ќе го наследи Фред Рутен, кој претходно беше тренер на Твенте, ПСВ, Феенорд и Шалке. Курасао е во група со Германија, Еквадор и Брегот на Слоновата Коска на Мундијалот, а ќе дебитира против четирикратниот светски првак.