Дерби во Кратово: Силекс може да ја реши борбата за титулата
Додека Арсими на домашен терен е огромен фаворит против Шкупи (14 часот), во Кратово од 13 часот се игра дерби на колото бидејќи Силекс ја пречекува Шкендија. За тетовци овој дуел доаѓа во лош момент, меѓу два меча против Самсунспор во Конференциската лига, додека кратовскиот тим бележи подем во формата и во претходното коло ја совлада Струга на нејзин терен со 3-2.
По вчерашниот триумф на Вардар против Башкими, „црвено-црните“ се одлепија на девет бода во однос на Струга и Шкендија и ако денеска актуелниот шампион загуби на гостувањето во Кратово, се чини дека борбата за титулата ќе биде готова, без разлика што има уште многу да се игра. Вардар е без пораз во досегашните 19 кола, додека Шкендија игра променливо, под бремето на настапите во Конференциската лига.
Освен ова, Силекс има и свои мотиви да победи денеска бидејќи само со триумф ќе се врати во игра за второто место кое води во квалификациите за Конференциската лига.