Пак хаос во Србија: Навивачите на Партизан го прекинаа мечот со Мега

Полуфиналниот дуел од Купот на Србија, меѓу Партизан и Мега е прекинат на последната четвртина, поради однесувањето на навивачите на „црно-белите“.

Младиот тим на Мега буквално го гази големиот фаворит и евролигаш, на стартот од последната четвртина води со 61-47, но на сцена стапија навивачите на „црно-белите“ кои успеаја да го прекиинат натпреварот. Почнаа да скандираат навредливи слогани против претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Србија и поранешен прв човек на Звезда, Небојша Човиќ и неговото семејство и тоа беше аларам за судиите да реагираат.

Навивачите беа опоменати, но откако не престанаа со навредите, судиската тројка се повлече во соблекувална и засега е неизвесно дали натпреварот ќе продолжи. Последните информации велат дека треба да биде испразнета дел од салата каде што се наоѓаат најжестоките навивачи на Партизан, но мечот е во прекин веќе половина час.