„Судијата имаше ливче со имиња на играчи на Реал кои не смееа да добијат жолт картон!“

Жозе Мурињо беше исклучен во 65. минута од првиот натпревар од баражот за осминафинале во Лигата на шампионите, откако доби два жолти картони, а по минималниот пораз на Бенфика од Реал Мадрид (0-1) во Лисабон откри шокантни детали за причините поради кои реагирал кон судијата.

Тој наведе работи кои ја шокираа јавноста.

„Ме исклучи зашто му ја кажав вистината, а тие не сакаат да ја слушаат. Нема тука што да се објаснува, сè е јасно. Исклучен сум поради нешто очигледно. Судијата имаше ливче на кое беа запишани имињата Карерас, Чуамени и Хојсен – дека тие не смеат да добијат жолт картон бидејќи тогаш нема да играат во реваншот. И не им го покажа картонот. Не му покажа на Карерас за онаа смешна симулација, ниту на Чуамени за десет фаули. Му реков дека имам 1.400 натпревари покрај аут-линијата, од кои 200 европски и дека тој точно знае кого смее да запише, а кого не. На крај запиша некого што сите го видоа. Ние знаеме како функционираат овие работи“, изјави Мурињо.

Поради исклучувањето, португалскиот стратег нема да биде на клупата во реваншот во Мадрид, а откри и што им порачал на своите фудбалери по натпреварот.

„Нема да седам на клупата, не можам во соблекувалната, не можам да разговарам со играчите… Тешко ми е поради тоа, но имам добри асистенти. Им реков на фудбалерите да размислуваат исто како кога бевме отпишани во групната фаза. Додека има надеж и шанса за резултат – одиме по него. Ова сега е како натпревар во кој губиме 0-1 на полувреме. Одиме на стадион со бучна публика. Само да не се појави од некаде Ентони Тејлор“, додаде Мурињо со својата препознатлива иронија.

На крај, тој се осврна и на прославата по голот.

„Го прашав зошто играч по таков гол слави со корнер-знамето“, заклучи Мурињо, уште еднаш оставајќи впечаток дека судењето било главната тема по натпреварот во Лисабон.

ФОТО: EPA PHOTO