Чудната реакција на Бенфика за расизмот кон Винисисус ја виделе - 12 милиони луѓе (ВИДЕО)

Бурен и контроверзен натпревар одиграа Бенфика и Реал Мадрид во првиот дуел од плеј-офот за нокаут фазата во Лигата на шампионите, а гостите од Шпанија во Лисабон славеа минимална победа од 1-0 со голот на Винисиус Жуниор во 50. минута.

Бразилецот погодокот го прослави на провокативен начин, танцувајќи пред навивачите на Бенфика, по што доби жолт картон. Неговата прослава ја вжешти атмосферата и предизвика метеж на теренот, а ситуацијата дополнително ескалираше поради сериозни обвинувања за расистичка навреда. Според фудбалерите на Реал, играчот на Бенфика Франко Престијани му упатил расистичка навреда на Винисиус, нарекувајќи го „мајмун“, при што си ја покрил устата со дресот за да не може да се прочита што зборува. Случајот бил пријавен кај главниот судија Франсоа Летексије, како и кај тренерот на Бенфика Жозе Мурињо. Судиската екипа накратко го прекина натпреварот, но тој продолжи без никакви санкции за Престијани.

Во таборот на Реал владее големо незадоволство, бидејќи фудбалери како Килијан Мбапе тврдат дека и тие јасно ја чуле навредата. Од друга страна, Бенфика реагираше со објава на видео-снимка на социјалната мрежа X, направена по спорниот момент. Видеото, кое трае околу 30 секунди, беше објавено со порака:

„Како што покажува снимката, играчите на Реал, со оглед на нивната оддалеченост од местото на настанот, не можеле да го слушнат тоа што тврдат дека го слушнале“.

Снимката на официјалниот профил на Бенфика собра над 12 милиони прегледи и стана вирална, но реакцијата на португалскиот клуб предизвика дополнителен бес кај навивачите на Реал, како и кај дел од неутралната фудбалска јавност. Многумина сметаат дека наместо извинување и јасна осуда, Бенфика се обидела да „докажува“ дека расистичката навреда не можела да биде слушната.

„Видеото на Бенфика не му помага на нивниот фудбалер. Особено затоа што јасно се гледа како Престијани ја покрива устата додека зборува. Клубот не може да потврди што е кажано, па по дифолт го штити својот играч, што е грешка“, гласи еден од бројните коментари.

Скандалот целосно го засени спортскиот аспект на натпреварот, а реваншот во Мадрид ќе се игра под зголемено внимание, со очекувања случајот дополнително да добие институционален епилог.

ФОТО: EPA PHOTO