Скандал во најава: Шпански новинар побара Барселона да ја напушти Ла Лига!

Шпанскиот новинар и познат навивач на Барселона Јота Жорди бурно реагираше по вториот гол на Жирона (1-2), сметајќи дека на погодокот му претходел јасен прекршок кој ниту главниот судија ниту ВАР не го санкционирале.

Тој отиде и чекор подалеку и побара Барселона да го напушти шпанското првенство.

„Ова е неподносливо, сè е наместено за Реал Мадрид да победи. Флик, вади ги сите надвор! Да си одиме од теренот! Напуштете го теренот! Ова е срамота“, викаше Жорди во живо, реакција која брзо стана вирална.

Неколку минути подоцна, со посмирен тон, тој повторно ја искажа својата позиција.

„Оваа сезона е готова. Да сум јас претседател на Барселона, повеќе нема да се натпреваруваме во оваа лига. Дојде денот кога сите членови и навивачи на Барселона треба да кажат ‘доста е’. Навистина треба да побараме да се напушти ова првенство. Готово е, зборувам за целата сезона“, изјави Жорди.

Тој додаде дека ваквите ситуации не се новост за клубот.

„Ние од Барселона сме навикнати на ова веќе 120 години. Нема да дозволат Реал Мадрид две години по ред да не ја освои титулата. Ова што се случува оваа сезона е бесрамно и се повторува од коло во коло. Титулата веќе ја загубивме, нема да ни дозволат да ја освоиме. Овој прекршок не сакаа да го судат. Ако не судат, тоа е затоа што не сакаат. Да се прашувам јас, ќе објавев соопштение во кое ќе пишува: ‘Барселона ја напушта оваа лига’“, заклучи Жорди.

Каталонците поведоа во 59. минута преку Пау Кубарси, но Жирона изедначи само две минути подоцна со голот на Томас Лемар. Победничкиот погодок го постигна Фран Белтран во 86. минута, по ситуација што предизвика лавина реакции. Во спорната ситуација, Клаудио Ечевери, трчајќи со топката, го удри Жил Кунде, момент кој остана несанкциониран и директно му претходеше на голот.

Овој пораз претставува голем кикс за тимот на Флик, кој пропушти можност да се врати на првото место во Ла Лига. Барселона сега заостанува два бода зад Реал Мадрид, кој го презеде врвот минатиот викенд со победата над Реал Сосиедад.