Вардар во Лисабон сака на домаќините да им го расипе спектаклот против „кралевите“!

Двократниот европски шампион Вардар денеска ја продолжува европската епизода и главната фаза во ЕХФ Европската лига ја отвора против Бенфика на гости во Лисабон.

Вардар одигра одлично во првиот дел, па така во дуелот влегува од подобра позиција со пренесени два бода, додека Бенфика е без бодови. Според букмејкерите Бенфика најмногу поради домашниот терен важи за фаворит, сепак јасно е дека Вардар е во добра форма и верува во освојување на нови победи.

Новата година Вардар во Суперлигата ја почна со три победи, додека Бенфика во првите три кола по продолжувањето на сезоната во Португалија е на два порази.

Освен тоа Вардар сега може да смета и на: Лазаревски, Еспиња и Кеита кои ги немаше поради повреда, а како засилување пристигна Жоао Педро.

Дуелот се игра во терминот од 18:45 откако прво беше закажан за 21:00 часот меѓутоа потоа се помести поради натпреварот на фудбалскиот тим на Бенфика кој дома во Лигата на шампионите треба да игра против Реал Мадрид.