Фотографија од пред 16 години стана хит: Едно семејство - десет олимписки медали!

Во текот на Зимските Олимписки игри во Кортина на социјалните мрежи актуелна стана фотографија направена пред 16 години која го покажува неверојатниот талент на едно семејство.

Во 2010 година фотографот Горaзд Кавчиќ направи фотографија на која заедно се: 17-годишниот Петер, 13-годишниот Цене, 10-годишниот Домен и 4-годишната Ника.

Тогаш, Петер штотуку дебитираше во Светскиот куп и беше 35. во вкупниот пласман, далеку од статусот на најдобар ски-скокач на светот. Од друга страна неговите браќа Цене и Домен штотуку почнуваа да се занимаваат со ски-скокови, додека Ника сè уште немаше застанато на скии.

Шеснаесет години подоцна, четворицата имаат вкупно десет олимписки медали и сигурно спаѓаат меѓу најуспешните спортски семејства во историјата. Само на тековните Игри во Милано и Кортина, семејството Превц освои пет медали, од кои три златни.

Петер Превц во својата колекција има злато од мешано екипно натпреварување во Пекинг 2022, сребро од мала ски-скокалница во Сочи 2014 и од екипно во 2022, како и бронза од голема ски-скокалница 2014 година.

Ника Превц освои злато од мешано екипно натпреварување, сребро од малата ски-скокалница и бронза од големата ски-скокалница, сите на овогодинешните Олимписки игри..

Домен Превц пак оваа година се закити со златни медали од мешано екипно натпреварување и од голема ски-скокалница, додека Цене Превц има сребро од машката екипа на Олимпијадата во Пекинг 2022.