Мајка на две глувонеми деца е хероината на ЗОИ – на 41-годишна возраст освои злато!
До златото стигна на драматичен начин, откако во последната трка надомести негатива и ја победи Лаура Нолте за само четири десетинки од секундата. Таа со 41 година и 130 дена испиша историја што ќе остане запаметена барем до следните Олимписки игри. Но, овој медал е многу повеќе од спортски успех.
Елана е мајка на двајца синови – петгодишниот Нико и тригодишниот Ноа, двајцата глувонеми, а Нико има и Даунов синдром. Таа и нејзиниот сопруг Ник Тејлор, поранешен бобист кој денес работи како киропрактичар во НБА лигата, дома комуницираат преку знаковен јазик. Таа за што подобро да ги разбере своите деца, постојано го усовршува знаковниот јазик, а семејството често патува со неа на натпреварувања, со помош на дадилка – поранешна боб спортистка. Нико добил кохлеарен имплант на 21 месец, а Ноа на само седум месеци, операции во кои имплантот директно се вградува на слушниот нерв.
„Отворањето на главата на сопственото дете секогаш е страшно искуство“, признава Елана.
Помладиот син морал да оди и на повторна операција минатото лето, токму додека таа се подготвувала за ЗОИ.
„Во тој момент тоа ми беше поважно од сè – и од самите Олимписки игри“, искрено додаде таа.
И нејзината спортска приказна е посебна. Таа е ќерка на Еди Мајерс, афроамерикански играч на американски фудбал, кој бил дел од камповите на Атланта Фалконс, но поради воена обврска никогаш не заиграл во НФЛ. Боб спортот го открила во 2006 година, откако мајка ѝ, гледајќи Олимписки игри, ја охрабрила да се обиде во тој спорт. Само четири години подоцна освои олимписка бронза. Потоа следуваа две сребра (Сочи 2014 и Пјонгчанг 2018), две медали во Пекинг 2022, а сега и долго посакуваното злато. Со тоа, таа го затвори својот олимписки круг речиси 30 години откако како девојче го носеше олимпискиот факел на Игрите во Атланта 1996.
ФОТО: EPA PHOTO