Кулминација на возбудувањата: МЗТ и Куманово во борба за 33. трофеј во Купот
Првпат во историјата, во финалето ќе учествува МКК Куманово, клуб формиран пред неколку години, а ќе излезе против најтрофејниот во ова натпреварување и бранител на пехарот МЗТ Скопје. Кумановци ќе ја имаат поддршката од публиката и нема сомнение дека 4-5.000 фанови ќе ја исполнат Спортската сала за да се обидат да го однесат локалниот тим до првиот трофеј.
Многу мотиви има на двете страни. МЗТ Скопје во своето 19. финале е во потрага по 14. триумф во Купот на Македонија, четврти во низа со што би се израмнил со Работнички кој толку пати го освојуваше пехарот во периодот од 2003 до 2006 година. Дамјан Стојановски може да стане рекордер со 11 титули во ова натпреварување, деветти со тимот на МЗТ Скопје.
На спротивната страна, МКК Куманово ќе се обиде да стане само петти клуб од „внатрешноста“ со триумф во Купот, по Кочани, Николферт, Тиквеш и Амак СП, а вкупно десетти во историјата кој се закитил со овој трофеј. И Марин Докзуосвки има многу мотиви да успее вечерва бидејќи така ќе се израмни со по пет титули со рекордерот Александар Књазев и ќе стане највозрасен освојувач.
МЗТ Скопје е во серија од 11 победи во куп-натпреварите, последниот пораз го доживеа од ТФТ во финалето во 2022 година во Кале. Тоа е и единствен пораз на МЗТ во финален меч од Купот од 2011 година досега.