Хулк сѐ уште има топ во ногата – ја скина мрежата од „сто метри“ (ВИДЕО)

Атлетико Минеиро во рамки на осмото коло од лигата Минеиро убедливо го совлада Итабирито (7-2), а натпреварот ќе се памети по неверојатниот гол кој го постигна Хулк, уште еднаш потврдувајќи дека и на 39 години поседува „разорна“ левица.

Искусниот напаѓач пред неколку години се врати во Бразил и потпиша за Атлетико Минеиро, потег што се покажа како полн погодок. Овој тим ја оправда улогата на апсолутен фаворит, а Хулк во оваа победа постигна хет-трик. Иако постигна три гола, еден негов погодок веќе го обиколи светот. Во 31. минута, од слободен удар, тој постигна спектакуларен гол за 2-0. Иако голманот беше поставен речиси на средината од голот, силниот и прецизен удар беше неодбранлив, во стилот на неповторливиот Роберто Карлос.

Снимката од друг агол најдобро ја прикажа неверојатната патека на топката и веднаш потсети и на легендарните слободни удари на Жунињо, уште една потврда дека Хулк и натаму знае да создава магија на фудбалските терени.