Вардар никогаш не бил поголем фаворит против Работнички – само чудо може да спречи победа!

Екипата на Вардар, која е убедливо најдобра во досегашниот дел од Првата лига, на денешниот градски дуел против Работнички сака да продолжи во победнички стил, во меч кој ќе се одигра на стадионот на ФФМ каде што пред три дена имаше одлично издание против Арсими и славеа со 5-1.

Играчот за врска, Димитар Тодоровски, очекува нова добра претстава од својот тим и триумф, иако секогаш има посебни емоции кога игра против Работнички.

„Секако дека кога играм против мојот некогашен клуб буди некакви емоции. Во Работнички пораснав, што се вели, тој клуб има огромен удел во мојот фудбалски развој. Сепак, сега сум дел од Вардар, а тоа значи само едно. Респект кон секого, но Вардар оди секогаш и на секој меч на победа. Убаво е да се негува таа традиција на градско дерби. Работнички е во неповолна позиција на табелата во моментов, но тоа апсолутно не го менува нашиот пристап за овој дуел“, изјави Тодоровски.

Работнички е во незавидна позиција, претпоследен на табелата со само седум освоени поени, а и пролетниот старт не беше според посакувањата на тренерот Муарем Муарем.

„Продолжуваме да се бориме и на секој нареден натпревар ќе даваме максимум за да ја оствариме целта. Позицијата на табелата јасно ни налага дека ни се потребни бодови и ќе сториме сѐ да ги освоиме. Вардар е лидер на табелата, има одлична екипа, но тоа треба да биде и мотивација повеќе за нас да одиграме најдобро што можеме“, вели капитенот на Работничким Бесир Демири,

Натпреварот меѓу Работнички и Вардар ќе се игра на стадионот на ФФМ, со почеток во 13 часот.