Креативност нула: Анонимус победи во ол-стар забивањето – имаше и стравичен пад (ВИДЕО)

Натпреварот во забивања на НБА Ол-стар викендот во Лос Анџелес, кој некогаш важеше за најспектакуларниот дел од програмата и оваа година целосно ги разочара љубителите на кошарката, продолжувајќи ја долгогодишната криза на ова натпреварување.

Победата ја однесе речиси анонимниот Кишад Џонсон, кошаркар на Мајами Хит, кој нема значајна улога во тимот на Ерик Сполстра, но сепак стигна до трофејот во конкуренција која не понуди речиси ништо вредно за паметење. Тој во првиот круг го прескокна раперот E-40, а потоа ја провлече топката низ нозете и заби на вториот кош, што беше доволно за пласман во финалето, најмногу поради слабите настапи на неговите ривали. Кошаркарот на Лејкерс, Џексон Хејс, пак, изведе едно од најлошите забивања во историјата на натпреварот, додека Џејси Ричардсон од Орландо, син на легендарниот Џејсон Ричардсон, доживеа тежок пад при вториот обид и само со среќа избегна сериозна повреда.

Џонсон во финалето се соочи со Картер Брајант од Сан Антонио Спарс, кој по слаби оценки во првиот круг доби максимални 50 поени во вториот, но спектаклот повторно изостана. Џонсон изведе едноставен „виндмил“, додека Брајант не успеа да ја реализира својата замисла во предвиденото време, што му ја отвори вратата на кошаркарот на Мајами до титулата.

ФОТО: EPA PHOTO