Шокантна промена: Рајковиќ повеќе не е тренер на турски Тофаш!

Македонскиот кошаркарски стручњак, Емил Рајковиќ повеќе не е тренер на турскиот Тофаш, откако двете страни решија да ја прекинат соработката по само половина сезона.

Без разлика што нашиот тренер имаше неколку забележителни резултати, меѓу кои најмногу се издвојува победата над актуелниот европски шампион Фенербахче, раководството на клубот донесе одлука за тренерска промена. Рајковиќ го презеде Тофаш пред стартот на актуелната сезона, со што се врати на тренерската сцена по пауза од нешто повеќе од една година, но престојот на клупата траеше пократко од очекуваното.

Клубот официјално не ги соопшти причините за разделбата, но јасно е дека клучен фактор беше слабата резултатска серија. Тофаш ги загуби последните четири натпревари, како и седум од последните осум во сите натпреварувања. Како последица на тоа, тимот не обезбеди пласман на завршниот турнир од Купот на Турција, а воедно ги загуби и шансите за нокаут-фазата во ФИБА Лигата на шампионите.

Засега не е познато кој ќе го наследи Рајковиќ на клупата на Тофаш, ниту пак каде македонскиот тренер ќе ја продолжи кариерата.