Италијанците жестоко го казнија Србинот Матиќ поради неговиот – долг јазик!

Српскиот фудбалер, Немања Матиќ, кој настапува во дресот на Сасуоло, доби суспензија од два натпревари по исклучувањето на дуелот со Интер (0-5) во минатото коло од Серија А, а дополнително е казнет и со парична глоба од 10.000 евра поради жестога кавга со главниот судија.

Искусниот играч за врска беше исклучен во 54. минута, откако најпрвин заработи жолт картон, а потоа, по вербален конфликт со арбитерот, доби и втор жолт, што автоматски значеше и црвен картон. Во тој момент Сасуоло остана со играч помалку и не успеа да му се спротивстави на лидерот на табелата. Дисциплинската комисија на Фудбалскиот сојуз на Италија ја потврди казната, оценувајќи дека однесувањето на 37-годишниот Матиќ било неспортско и недолично.

Поранешниот репрезентативец на Србија, кој во кариерата настапуваше за клубови како Бенфика, Челси, Манчестер јунајтед, Рома, Лион и Рен, сезонава има 23 настапи во дресот на Сасуоло, со учинок од еден гол и една асистенција.

ФОТО: EPA PHOTO