Јапонија првпат воведе правило кое пред 40 години беше измислено во - Југославија!

Јапонската Џеј Лига донесе радикална одлука – укинување на нерешените резултати од претстојната сезона, а секој меч што ќе заврши без победник во регуларните 90 минути ќе се решава со пенал-серија.

Победникот по пеналите ќе освои два бода, поразениот еден, со што се воведува целосно нов систем на бодовање. Одлуката е усвоена со поддршка од клубовите од елитната конкуренција, а целта, според раководството на лигата, е да се зголеми натпреварувачката динамика, неизвесноста и интересот кај публиката, особено во борбата за конечниот пласман. Ова правило, засега, ќе важи само за сезоната 2026, која ќе има транзициски карактер. Причината е стратешката одлука јапонскиот фудбал да го усогласи календарот со европскиот модел. Наместо досегашниот систем пролет–есен, од иднина ќе се игра есен–пролет, како што е пракса во поголемиот дел од Европа. За да се овозможи непречен премин кон новиот распоред, ќе се одигра скратена сезона, по што од есен официјално ќе започне новиот натпреварувачки циклус според изменетиот календар.

Ваквиот модел е измислен на овие простори и тоа пред речиси 40 години. Под мотото „или победуваш или губиш, нерешено нема“, Фудбалскиот сојуз на Југославија во 1988 година го укина нерешениот резултат. При реми, веднаш се изведуваа пенали – победникот добиваше еден бод, а поразениот остануваше без бодови. Мерката беше воведена поради големиот број сомнителни нерешени резултати и важеше до сезоната 1991/92, односно до распадот на Југославија.