Новак Ѓоковиќ поради исцрпеност откажа настап на престижен турнир!

Третиот тенисер на светот во моментов, Новак Ѓоковиќ, го откажа настапот на претстојниот турнир во Доха поради исцрпеност, соопштија денеска организаторите.

Српскиот ас пред десетина дена настапи во финалето на Австралија опен, каде што беше поразен од првиот рекет на светот, Карлос Алкарас. Очигледно, напорниот почеток на сезоната оставил трага, па 38-годишниот Ѓоковиќ сè уште не е подготвен за нови предизвици. Турнирот во Доха започнува на 16 февруари, а прв носител ќе биде Алкарас, додека втор е Јаник Синер. Ѓоковиќ би можел да се врати на терените на првиот Мастерс во сезоната – Индијан Велс, кој започнува на почетокот на март.

Популарниот Ноле двапати во кариерата го има освоено турнирот во Доха, а последен пат триумфираше во 2017 година.