Меси ѝ даде гол на Барселона во пријателски меч што заврши – нерешено (ВИДЕО)

Најдобриот фудбалер на сите времиња, Лионел Меси, беше најголемата ѕвезда на синоќешниот пријателски натпревар меѓу Интер Мајами и Барселона СК, кој заврши без победник – 2-2, на стадионот „Банко Пичинча“ во Гвајакил.

Станува збор за еквадорската Барселона, а не за поранешниот клуб на аргентинската легенда, но и покрај тоа оваа средба привлече внимание токму поради играњето на Аргентинецот против Барса. Меси го отвори резултатот во 31. минута, постигнувајќи убав гол за водство на Интер Мајами. Само десет минути подоцна, Рохас израмни на 1-1, но во судиското продолжение од првото полувреме Меси уште еднаш блесна – овојпат како асистент. Аргентинецот му намести гол на Бертераме, со што Интер Мајами повторно поведе со 2-1.

Во второто полувреме, Меси беше заменет од уште една фудбалска легенда – Луис Суарес, а конечниот резултат го постави резервистот Мартинес во 87. минута. Интер Мајами натпреварот го заврши со играч помалку, откако Ајала доби директен црвен картон исто така во 87. минута, но тоа не влијаеше на конечниот исход.

ФОТО: EPA PHOTO