Сребрениот од олимпискиот спуст медалот го посвети на - починатиот пријател!

Италијанскиот алпски скијач, Џовани Францони, емотивно го посвети сребрениот медал што вчера го освои во спуст на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и Кортина на својот пријател Матео Францозо, кој трагично го загуби животот минатата година.

Францозо почина лани во септември, на само 25годишна возраст, по тешка несреќа за време на тренинг по спуст во Чиле. Тој директно удрил во заштитна преграда и претрпел тешка трауматска повреда на мозокот и мозочен оток, кои се покажале фатални.

„Остварив еден сон. Овој медал му го посветувам нему“, изјави Францони веднаш по трката, видливо потресен од моментот, додека го држеше олимпиското сребро.

Италијанскиот скијач и претходно своите успеси ги посветувал на загинатиот пријател, но олимпискиот подиум во татковината имаше посебна тежина. Радоста од медалот беше испреплетена со болка и спомени за човекот со кого ја делел патеката, соништата и страста кон скијањето. ЗОИ во Милано и Кортина д’Ампецо се одржуваат од 6 до 22 февруари, а приказната на Францони веќе е една од најемотивните на Игрите.