Јокиќ со брутален трипл-дабл ја прекина црната серија на Денвер и - влезе во историјата (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер Нагетс ноќеска славеа на гостувањето кај Чикаго Булс (136-120), прекинувајќи ја серијата од три порази по враќањето на Никола Јокиќ на теренот.

Тој одигра уште еден маестрален натпревар и запиша импресивен трипл-дабл со 22 поени, 17 асистенции и 14 скока, надополнети со четири блокади и една украдена топка. Српскиот центар беше речиси перфектен во шутот – 7/12 од игра, 2/2 за три поени и 6/6 од линијата за слободни фрлања. Јокиќ со овој учинок го престигна Оскар Робертсон на вечната листа за трипл-дабл ефекти во регуларниот дел од сезоната, а пред него сега е само Расел Вестбрук. Иако Србинот беше диригентот, најефикасен кај Денвер беше Џамал Мареј со 28 поени и 11 асистенции, додека Тим Хардавеј Џуниор додаде 23 поени. Кај „булси“, Матас Бузелис се истакна со 21 поен и осум скока, Колин Секстон постигна 17, а Ник Ричардс и Анферни Сајмонс по 15 поени. По овој триумф, Денвер е трет на Западот со скор 34-19, додека Чикаго е 11. на Истокот (24-29).

Трипл-дабл учинок имаше и т.н. „бејби Јокиќ“, центарот на Хјустон Алперен Шенгун, кој во победата над Оклахома сити Тандерс (112-106) запиша 17 поени, 12 скока и 11 асистенции. „Громовите“ настапија без повредениот Шеј Гилџес-Александер, но и покрај поразот остануваат лидер на Западот со 40-13, додека Хјустон е четврти (32-19).

Екипата на ЛА Лејкерс дојде до третата победа по ред, совладувајќи го Голден Стејт Вориорс (105-99) и тоа без помошта на повредениот Лука Дончиќ. Леброн Џејмс мечот го заврши со 20 поени, 7 скока и 10 асистенции, а одлична поддршка имаше од Руи Хачимура (18 поени, 7/10 шут).

Најголем хит во НБА лигата се Шарлот Хорнетс, кои стигнаа до деветта победа во низа, нешто што клубот не го направил уште од сезоната 1998/1999.

РЕЗУЛТАТИ: Сан Антонио – Далас 138-125, Орландо – Јута 120-117, Атлaнта - Шарлот 119-126, Чикаго – Денвер 120-136, ЛА Лејкерс – Голден Стејт 105-99, Феникс – Филаделфија 103-109, Портланд – Мемфис 122-115, Сакраменто – Кливленд 126-132.