Најголемиот стадион во светот се гради во - Виетнам

Виетнам почна со изградба на најголемиот фудбалски стадион во светот, а објавени се зачудувачки макети од предложениот објект кој ќе бие со капацитет од 135.000 места.

Владата на Ханој официјално ги одобри плановите за изградба на стадионот Тронг Донг во декември, како дел од огромниот проект „Олимписки спортски град“, при што се очекува станбениот и спортски кварт да чини вкупно 28 милијарди фунти. Стадионот треба да биде во центарот на проектот, а официјалните лица изјавија дека местото ќе биде домаќин на големи спортски, културни и социо-политички настани, воедно ќе придонесе за подобрување на угледот на Виетнам на меѓународната сцена. Според плановите, архитектурата на стадионот е базирана на бронзениот тапан Донг Сон. Тапанот е симбол на древната виетнамска цивилизација, претставувајќи го духот на заедницата, силата и долговечноста.

Се тврди дека ова ќе помогне да се комбинираат традиционалната култура на Виетнам со модерно место, помагајќи да се постигне целта за изградба на култно место во светот. Вембли, стадионот „Птичјо гнездо“ во Кина и стадионот „Лусаил“ во Катар беа наведени како големи градби на стадиони кои помогнаа да се зголеми националниот престиж, според организаторите на проектот.

Стадионот Тронг Донг би го надминал стадионот „Рунградо 1-ви Мај“ во Северна Кореја кој има најголем капацитет, од околу 114.000 гледачи. Исто така, би го надминал стадионот „Хасан Втори“ во Мароко, кој се гради пред Светското првенство во фудбал во 2030 година, со капацитет од околу 115.000.

Стадионот во Ханој, наводно, ќе има најголем подвижен покрив во светот, додека се вели дека проектот дал приоритет на решенија за заштеда на енергија и еколошки материјали. Се тврди дека местото на одржување ќе му обезбеди на Виетнам основа за домаќинство на големи меѓународни настани, вклучувајќи го Светското првенство и Олимписките игри, како и други континентални настани.

Церемонија по повод поставувањето камен-темелник се одржа во декември за да се започне со градежниот проект, при што Олимпискиот спортски град е поделен на четири зони. Стадионот треба да биде завршен до 2028 година, додека целокупниот проект - кој вклучува транспортен систем, нова урбана зона и дополнителни спортски објекти - треба да биде завршен до 2035 година.