Бостон се врати од минус 22, Детроит убедлив, изненадување во Минесота (ВИДЕО)

Шест натпревари се одиграа ноќеска во НБА лигата, а во центарот на вниманието беше драматичниот дуел во „ТД Гарден“, каде Бостон Селтикс направи неверојатен пресврт и го совлада Мајами Хит (98-96), иако губеше со дури 22 поени разлика.

Мајами фуриозно го отвори натпреварот и поведе со 25-6, а пред крајот на првото полувреме имаше и убедливи 58:36, за на пауза да замине со 21 поен предност. Сепак, „келтите“ не се предадоа. Во второто полувреме домаќините започнаа голема серија, ја анулираа негативата и во третата четвртина дури и поведоа со 74-72. Во неизвесната завршница, при водство на Мајами од 96-95, новото засилување Никола Вучевиќ погоди тројка за 98-96 на минута и пол до крајот. Интересно, во последните 90 секунди немаше ниту еден кош, па Селтикс стигнаа до една од најголемите победи сезонава.

Кошаркарите на Детроит Пистонс одиграа одличен натпревар и убедливо ги совладаа Њујорк Никс (118-80), прекинувајќи ја нивната серија од осум победи. И покрај отсуството на повредениот Џејлен Дурен, тие доминираа од самиот старт. Најефикасен беше Џенкинс со 18 поени, Харис и Стјуарт додадоа по 15, Рид имаше 12, а Кејд Канингем 11 поени. Кај Никс се истакнаа Бриџис со 19 и Брансон со 12 поени.

Њу Орлеанс Пеликанс направи големо изненадување и славеше на гостувањето кај Минесота (119-115). Иако Руди Гобер одигра солиден меч, клучниот момент беше фаулот врз Зајон Вилијамсон во самиот финиш, по што Пеликанс го решија дуелот од линијата за слободни фрлања. Садик Беј блескаше со 30 поени, Зајон Вилијамсон додаде 29, а Треј Марфи 26. Кај Минесота, Ентони Едвардс постигна 35 поени, а Џулијус Рендл запиша 24 поени, осум скока и седум асистенции.

РЕЗУЛТАТИ: Бостон-Мајами 98-96, Детроит – Њујорк 118-80, Милвоки – Индијана 105-99, Минесота – Њу Орлеанс 115-119, Портланд – Мемфис 135-115, Сакраменто – ЛА Клиперс 111-114.

ФОТО: X / @celtics