Рулет со казни: Кој ќе задоцни на тренинг ќе чисти копачки, ќе работи со градинарот...
По серијата слаби резултати, Ајнтрахт Франкфурт реши да го промени тренерот и на кормилото го постави Алберт Риера.43 -годишниот Шпанец, кој пристигнува од словенечко Целје, вчера беше промовиран пред новинарите, и тој веднаш порача дека сака ред во соблекувалната.
„Поставив одредени правила, но не поради тоа што сум диктатор или полицаец, не ме интересира ова, јас сум само тренер. Но, мора да има правила, и тие важат за сите. Разговаравме со играчите, се погледнавме во очи и сите го прифатија ова. Тука приказната завршува“.
Тој потоа објасни дека има три правила, прво секој треба да се однесува со почит, второто е дека тренингот треба да се третира исто како натпревар, и како трето, секој треба да се запраша како може да помогне и со топка и без топка.
Риера го објасни и методот на казни во кој покрај задолжителната парична глоба, ќе има и казна која ќе дојде по вртење на рулет.
„Имаме рулет, вртите тркало и дознавате која е казната. Покрај паричната глоба, ќе треба и да сработите нешто – да ги исчистите копачките на целиот тим, да поминете еден час со момците од тимот за анализи, или да поминете еден час со градинарот. Доколку некој сака да доцни, не е проблем. Ќе биде удрен по џебот, плус ќе осети каква е работата на другите“.