„Жената е створена да раѓа деца, а не да игра фудбал!“
Во интервју за медиумите во својата земја, поранешниот тренер на Оксер без размислување даде ужасно навредувачка изјава за женскиот пол.
„Жената има поширока карлица и е создадена за раѓање деца. А фудбалот не е за широка карлица. Имам голема почит кон младите жени, кои се занимаваат со спортот што го сакаат, но фудбалот не е за нив“, изјави Ру.
Но, тој не застана само на ова.
„Ако ме прашате дали женските натпревари се атрактивни, ќе ве упатам на мечеви од пониските лиги што се играат пред 800 гледачи“, додаде Ру.
Легендарниот Французин е една од најзначајните фигури во историјата на Оксер, клуб во кој настапуваше како играч од 1954 година, а подоцна беше и играч-тренер, па главен тренер сè до 2005 година. Како стратег, Ру го одведе Оксер до титулата во Лига 1 во 1996 година, освои четири Купа на Франција, како и Интертото купот во 1998. Кратко го водеше и Ленс во 2007 година. Француските медиуми потсетуваат дека ова не е првпат Ру да шокира со вакви изјави. Минатата година, на прошталниот натпревар на Џибрил Сисе, тој изјави:
„Сакате смела споредба? Ова изгледа како натпревар во женски фудбал“, изјави тогаш легендарниот Французин.
Изјавите на Ру само ја отворија дебатата за сексизмот во фудбалот, во време кога женскиот фудбал бележи рекордна гледаност, растечки инвестиции и сè поголема популарност ширум светот.