„Играта на Реал Мадрид е многу похаотична во однос на таа на Барселона!“

Дефанзивецот на Албасете, Хави Морено, направи интересна споредба меѓу двата шпански фудбалски гиганти – Реал Мадрид и Барселона, откако неговиот тим се соочи со нив во Купот на кралот во период пократок од еден месец.

Албасете најпрво приреди сензација и ги елиминираше „кралевите“ со 3-2, а потоа доживеа тесен пораз од Барселона (1-2) во меч на кој токму Морено беше стрелецот за својот тим.

„Да се игра против Реал Мадрид и Барселона е и слично и различно во исто време. Во двата тима има огромен квалитет и играчи кои можат да создадат магија во секој момент“, изјави Морено.

Сепак, според него, стилот на игра значително се разликува.

„Мислам дека во играта на Барселона има многу повеќе ред, додека Реал Мадрид делува похаотично. Од друга страна, тоа ја прави Барселона попредвидлива, но нивните додавања се толку прецизни што, дури и кога знаете што ќе направат, тоа нема големо значење“, додаде дефанзивецот.

Морено (25 години) се осврна и на настапот на Албасете во Купот на кралот, потенцирајќи дека малкумина верувале во ваков успех.

„Никој не веруваше дека можеме да стигнеме толку далеку, особено ако се земе предвид квалитетот на екипите против кои игравме. Со вера и напорна работа успеавме да дојдеме до ова ниво и навистина сме многу среќни“, истакна Морено.

ФОТО: EPA PHOTO