Мато за „бегството“ од Скопје: Снемав интернет, па немав како да му кажам на Вардар!

Роџерс Мато (22 години) призна дека недостапноста на интернет во Уганда во траење од четири дена била клучниот фактор што довел до трансфер-сагата околу неговиот премин од Вардар во шкотски Хартс.

Крилниот напаѓач, кој неодамна пристигна во Единбург, истакна дека поради прекините во комуникацијата за време на општите избори во Уганда не можел да стапи во контакт со својот агент, ниту со раководствата на црвено-црните и со заинтересираните клубови, што предизвикало сериозна конфузија околу неговиот статус. Трансферот на Мато од Вардар, реализиран како почетна позајмица, беше сè освен едноставен. Откако Хартс објави дека има потпишано преддоговор со фудбалерот, од Вардар соопштија дека постигнале договор со американскиот клуб Спортинг Канзас Сити. Подоцна следуваше и тврдење дека Мато бил „недостапен“ по настапот на Африканскиот куп на нации, но сега самиот фудбалер појасни дека причината била исклучиво техничка.

„Знаев дека во мојата земја има избори и дека интернетот ќе биде исклучен. Поради тоа беше многу тешко да стапам во контакт со мојот агент, со тренерот тука и со клубот таму (Вардар). Тоа беше проблемот“, изјави Мато за британските медиуми.

Тој откри дека и покрај хаосот, одлуката била донесена одамна.

„Јас веќе знаев каде сакам да одам, уште пред да го потпишам преддоговорот. Оваа понуда од Хартс постоеше три месеци, уште пред да заминам на АФКОН. Имаше интерес и од Америка, од Шпанија, па и од Трабзонспор, но мојата иднина беше тука“, додаде тој.

Во периодот додека бил без интернет, неговото име било во центарот на шпекулациите.

„Социјалните мрежи ми ‘вриеја’, постојано добивав повици и пораки од агенти и менаџери кои се интересираа за мојата ситуација и за личните услови. Но мојот фокус беше Хартс“, потенцира Мато.

Напаѓачот, кој ќе потпише тригодишен договор со Хартс на лето, призна дека најдобро било да остане тивок додека траела целата драма.

„Секој има право на свое мислење, но понекогаш е подобро да молчиш. Кога има конфликт и влегуваш во него, тој само ескалира. На крајот – јас сум тука и подготвен“, изјави тој.

Мато, кој постигна 15 голови на 17 настапи за Вардар, вели дека веќе се чувствува како дома во новиот клуб и дека е подготвен за дебито, кое се очекува на гостувањето кај Данди Јунајтед.

„Јас секогаш сум подготвен. Секогаш сум спремен да ‘гризам’. Презадоволен сум што ќе играм во Шкотска. Тука сум многу блиску до Премиер лигата“, порача новото засилување на Хартс.

Репрезентативецот на Уганда се очекува да дебитира за Хартс претстојниов викенд на мечот на домашен терен против Хибернијан.