Ваков хаос не се памети: Повеќе од половина лига ќе ја почне сезоната со „минус“ бодови (ФОТО)

Фудбалската сезона во Кина, слично како во скандинавските и јужноамериканските земји, за разлика од поголемиот дел од Европа, започнува во февруари, а завршува во ноември. Но, тоа не е единствената работа по која елитниот ранг во оваа земја се разликува од останатите.

Кинеската Суперлига брои 16 екипи, а поголемиот дел од нив сезоната ќе ја започнат со помалку од нула бодови, дури девет клубови ќе стартуваат со „минус“. Причината, како што соопшти Фудбалскиот сојуз на Кина, се „местење натпревари, коцкање и корупција“.

Доколку се земат предвид и финансиските санкции, ФС на Кина казнил вкупно 13 клубови, а износот на паричните казни се движи од 200.000 јуани (околу 24.250 евра) до еден милион јуани (нешто повеќе од 121.000 евра).

„Одземањето бодови и финансиските казни се одредени според сериозноста и степенот на вклученост на секој клуб во недозволени активности“, се наведува во соопштението на ФС на Кина.

Минатиот септември, 43 лица, меѓу кои судии и фудбалери, добија доживотна забрана за работа во фудбалот, а најпознатото име кое заврши во затвор поради малверзации во кинескиот фудбал е поранешниот играч за врска на Евертон, Тие Ли. Неговиот последен тренерски ангажман беше селекторската функција на репрезентацијата на Кина, која ја извршуваше до 2021 година.

Кога станува збор за одземањето бодови, без да се сметаат четирите екипи кои директно беа испратени во понизок ранг на натпреварување, најлошо поминаа вицешампионот од минатата сезона, Шангај Шенхуа и Тијанџин Тајгерс, на кои им беа одземени по 10 бодови.