Огромен малер: Хрватска ќе настапи десеткувана во борбата за бронза на ЕП 2026!?
По полуфиналниот пораз од Германија, дел од тимот е под удар на вироза, а дополнителна грижа за селекторот Дагур Сигурдсон претставува и повредата на Давид Мандиќ. Најпогоден е првиот голман Доминик Кузмановиќ, кој по натпреварот со Германија добил вирусна инфекција и имал стомачни проблеми. Покрај него, слични симптоми имале и Филип Главаш и тим-менаџерот Ивица Мараш.
Дополнителен проблем за стручниот штаб е состојбата на Мандиќ. Тој добил силен удар во листот на почетокот од полуфиналето, а прегледите покажале дека нема кинење на мускул, но има голем хематом. Поради тоа, тој пропуштил тренинг, но од репрезентацијата се надеваат дека ќе биде подготвен за мечот. Селекторот Сигурдсон потврди дека Мандиќ останал на терапии и дека се очекува да биде во комбинација за настап.
Хрватска ќе игра за уште еден медал на големите натпреварувања, а натпреварот со Исланд доаѓа по разочарувањето од полуфиналниот пораз од Германија, по кој репрезентацијата остана без финале. Во таборот на Хрватска владее став дека и покрај проблемите, тимот мора да го даде максимумот. Од стручниот штаб потенцираат дека ваквите натпревари за медал се секогаш психолошки тешки, особено кога двете селекции доаѓаат по пораз во полуфиналето.
ФОТО: EPA PHOTO