Зверев бесно урлаше на судијката од Србија поради Алкараз: Ова е сра*е (ВИДЕО)

Германскиот тенисер, Александар Зверев (28), бурно реагираше и буквално урлаше кон српската главна судијка Маријана Вељковиќ (39) за време на полуфиналниот меч на Австралија опен, откако таа му дозволи медицински тајм-аут на Шпанецот Карлос Алкараз (23).

Инцидентот се случи во момент кога Алкараз водеше со 2-0 во сетови. На свој сервис, при резултат 4-4, шпанскиот тенисер почувствува болка во бутниот мускул, по што побара медицинска интервенција. Вељковиќ му одобри дополнително време за подготовка на сервисот, што предизвика жестока реакција кај Зверев.

Очигледно незадоволен од одлуката, Германецот гласно ѝ се обрати на судијката.

„Зошто не го пушти часовникот? Ако се грчеви, зошто времето не почнува да тече?“, викна германскиот тенисер.

Вељковиќ остана смирена и одговори дека не може да утврди дали станува збор за грчеви или за повреда, што, според правилата, ѝ дава основ да дозволи медицински тајм-аут. Незадоволството на Зверев не заврши тука. Тој продолжи со коментари кон судијката, јавно изразувајќи револт поради, според него, неправилната одлука.

„Не можам да верувам, не можам да верувам. Ова е сра*е. Алкараз не може да добие тајм-аут поради грчеви. Тој не е повреден“, додаде Германецот.

Алкараз ги доби првите два сета од полуфиналната пресметка во Мелбурн, додека Зверев го доби третиот сет во големата битка за финале.