Вардар продолжува да се засилува: Се враќа Николов, договорен е и Аргентинецот!

Како што минатата недела најави тренерот Гоце Седлоски, Вардар максимално го искористи периодов за да ги засили своите редови пред продолжението на домашното првенство во кое ќе атакува на шампионската титула.

Во завршна фаза се преговорите со Дарко Велковски и Стефан Цветковиќ, а веќе дојде најава за уште две засилувања кои наскоро ќе му се приклучат на тимот. Станува збор за поранешниот репрезентативец и повратник во тимот Бобан Николов, како ни аргентинскиот интернационалец  Хоакин Торес.

„Бобан Николов од среда се приклучува на клубот. Утре ќе земе раскин на договорот (со Фарул н.з.) и патува за Скопје каде ќе ги пречека фудбалерите по враќањето од подготовките во Анталија. Торес утре тргнува за Македонија, во понеделник ќе биде со нас“, откри првиот човек на Вардар, Миленко Неделковски.

Николов беше член на Вардар од 2015 до 2018 година и во тој период освои две шампионски титули, а учествуваше и во историскиот успех на „црвено-црните“ - пласманот во групната фаза од Лигата Европа. По заминувањето, настапуваше за Фехервар, Лече, Шериф, ФЦСБ, Кишварда, Борац Бања Лука и Фарул каде се пресели пред почетокот на оваа сезона.

Торес е офанзивен фудбалер кој настапува и на двете крилни позиции. Потекнува од школата на Њуел Олд Бојс за кој и дебитирал во сениорска конкуренција. Таму играл шест години пред да замине во странство, а има настапувано и во МЛС, во тимовите на Монтреал и Филаделфија Унион.

Со четирите засилувања, Вардар најверојатно ќе го комплетира составот за „пролетниот“ дел од сезоната кој почнува идниот викенд, на 7 февруари, кога лидерот на табелата ќе го пречека Арсими.