Седлоски: Вардар бара 2-3 засилувања за пролетната полусезона

По две недели на подготовки во Анталија, тренерот на Вардар, Гоце Седлоски направи анализа на досега сработеното и на она што го очекува тимот до почетокот на вториот дел од сезоната.

Искусниот стручњак е задоволен од тоа како се одвиваат подготовките, како и од залагањето на фудбалерите.

"Подготовките се напорни, едноставно тешки се играчите. На секој сакам да му дадам шанса, од играчите зависи дали ќе ја искористат. Можеби некој од нив ќе експлодира и ќе се докаже. На последните два меча ќе се искристализира тимот кој ќе го понесе товарот за пролетниот дел", вели Седлоски.

Вардар неодамна остана без еден од најдобрите фудбалери во составот Мато, кој се пресели во Хартс, а тренерот најави дека клубот е на трансфер-пазарот и бара засилувања.

"Мато реши доста натпревари оваа сезона, добро играше и трансферот беше очекуван. На таа позиција имаме уште неколку играчи и ќе видиме кој би го заменил. Исто така бараме уште 2-3 засилувања за да го освежиме тимот", рече Седлоски.

Вардар е лидер на табелата во македонското првенство по есенската полуетапа со 42 бода, еден повеќе од Струга. Шампионатот продолжува на 7 февруари кога „црвено-црните“ го пречекуваат Арсими.