Струмица доби современ центар за спорт и рекреација
Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, денеска го пушти во употреба мултифункционалниот спортски центар во склоп на СОУ „Јане Сандански“, лоциран во центарот на градот кој е целосно реконструиран со средства обезбедени од Министерството за спорт.

Во рамки на современо уредениот простор за спорт и рекреација изградени се игралиште за фудбал и ракомет, кошаркарски и одбојкарски терени, како и трибина. Спортските терени се од отворен тип и се наменети првенствено за потребите на учениците од струмичката гимназија, но и за сите граѓани кои сакаат активно да го користат слободното време.

Министерството за спорт останува целосно посветено на развојот на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел спортот да биде достапен за сите граѓани и да се создадат подобри услови за здрав и активен начин на живот.

Со континуираните инвестиции во спортски објекти, Министерството за спорт ја потврдува определбата дека ветените проекти се реализираат во интерес на граѓаните и на македонскиот спорт.