Фудбалер на Јунајтед ја исмеа тактиката на Арсенал по големата победа среде Лондон!

Крилото на Манчестер Јунајтед, Амад Диало, не остана должен по големата победа над Арсенал (3-2) и јавно ја исмеа тактиката на лондонскиот клуб преку социјалните мрежи.

По триумфот на „црвените ѓаволи“, кој дојде само неколку дена по славјето над Манчестер Сити, Диало одговори на самоуверената прогноза на навивач на Арсенал на платформата X, кој пред мечот најави победа од 4-0 за „топчиите“. Фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска ја цитираше прогнозата, објави фотографија од конечниот резултат и порача:

„Сонувај момче“, а потоа додаде уште поостро: „Единствената надеж ви се корнерите. Биди скромен“, напиша Диало.

Тој со тоа јасно алудираше на стилот на Арсенал оваа сезона, во кој значаен дел од головите доаѓаат по прекини, особено од корнери – токму така падна и еден од головите на домаќинот на овој натпревар. Манчестер Јунајтед со оваа победа има максимален учинок под водство на привремениот менаџер Мајкл Карик, се искачи над Челси и моментално е на четвртото место на табелата. Арсенал, пак, останува лидер во Премиер лигата, но предноста пред Манчестер Сити и Астон Вила е намалена на четири бода.